Најава за протест: Да го одбраниме Уставот од Уставниот Суд II

И денеска, четврток, 25.02.2016 година, во 17.30 часот, ќе протестираме на истото место – пред Уставниот суд на Република Македонија!

Реквизити што треба да ги донесиме за денешниот протест да биде уште погласен и поенергичен од вчерашниот: тенџериња, лажици, тави, тавчиња, свирчиња, тапани, други разни тракатанци и секако, нашиот глас и нашето достоинство.

Уставниот суд застана во одбрана на криминалците од власта кои местеле избори. Во рекордно брзо време ја разгледа и ја прифати иницијативата за преиспитување на уставноста на измените на Законот за помилување, поточно за забраната Претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности.

Со ова, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека за нив правниот систем е само алатка која им служи за заштита од правдата, а не за нејзино спроведување.

Ние граѓаните нема да дозволиме крадците на нашите животи, преку партиски узурпираниот Уставен суд да си ги спасат своите злосторничко-криминални „кожи“ од издржување на заслужените затворски казни. Нема да дозволиме повторно да си поигруваат со државните институции како да се нивен личен имот или партиски огранок.

Во Македонија мора да се врати правдата, почитувањето на законите и пред сѐ, почитувањето на Уставот!

На судиите кои се грижат единствено за спасување на своите наредбодавци, ќе им порачаме, јасно, гласно и решително, дека тие се одговорни пред сите нас – граѓаните на оваа држава и дека не можат и не смеат да го газат Уставот секогаш кога тоа ѝ одговара на владејачката партијата или секогаш кога ќе треба да се спасуваат криминалците во власта.

НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР!

(Настан на Фејсбук.)