Линчот врз критичарите на власта мора веднаш да запре!

Соопштение од АЈДЕ! – Платформа за граѓанска политика
Скопје, 25.04.2014

Изразуваме сериозна загриженост заради засилените притисоци, закани и напади врз граѓаните, активистите и новинарите кои имаат критичко мислење спрема власта и нејзините политики, и бараме атмосферата на линч спрема слободномислечките луѓе да престане, а надлежните институции да ги преземат сите неопходни чекори за заштита на правото на слободата на изразување во Република Македонија.

Сведоци сме дека средношколците, родителите и наставниците, веќе неколку недели се постојана мета на различни притисоци, закани и етикетирања. На новинарот Борјан Јовановски, деновиве, му беше доставен погребен венец во неговиот дом, а неговиот колега Зоран Бојаровски доби смртни закани заради објавен текст.

Последниот обид за замолчување и заплашување на критичарите на власта се случи вчера, на 24 април, кога беше нападнат активистот Никола Наумоски. Тој беше спречен во намерата, на јавно место, да истакне промотивен материјал за граѓанската иницијатива за утврдување на неуставноста на законите за хонорарците.

Ако на сето ова, се додадат и неодамнешните притисоци врз студентите и професорите, континуираните закани и напади врз ЛГБТИ заедницата, како и постојаната повеќегодишна хајка врз граѓанските организации, нивните претставници и сите критичари на актуелната власт, неминовно се наметнува констатацијата дека во Македонија темелно се загрозени основните слободи и права на граѓаните, а засилувањето на атмосферата на линч сериозно ја загрозува и безбедноста на граѓаните.