„Aјде!“ го осудува запоседнувањето на просторот пред Уставниот суд

Контрапротест пред Уставниот суд.

Платформата за граѓанска политика „АЈДЕ!“ го осудува запоседнувањето на просторот пред Уставниот суд, на кој беше најавен во јавноста и пријавен во МВР граѓанскиот протест и бдеењето за одбрана на Уставот. Со овој контрапротест, власта уште еднаш покажа дека е подготвена на сè за да го спречи владеењето на правото и да ги згази основните слободи и права на граѓаните на Република Македонија.

Од организаторите на овој контрапротест бараме веднаш да се повлечат од зградата на Уставниот суд, а од МВР да ни овозможи да го оствариме своето уставно право на јавен протест и да поднесе кривични пријави за оние кои повикаа и го реализираа овој срамен и безумен чин.

Исто така, ја осудуваме и незаконската и кукавичка одлука на Уставниот суд да ја затвори за јавност утрешната седница на која судиите од тефтерчето на власта планираат да го озаконат нејзиниот криминал и бандитизам.

Ја повикуваме меѓународната заедница будно да ги следи случувањата кои водат кон продлабочување на политичката криза во државава и кои јасно и недвосмислено покажуваат дека во Македонија не се спроведуваат никакви реформи и дека нема услови за слободни, фер и демократски избори.

Затоа ние, граѓаните, уште еднаш ги повикуваме сите слободоумни граѓани и граѓанки да ни се приклучат во битката за дражавата, слободата и правдата и да дојдат масовно на денешниот протест во 18 часот, пред Владата на Република Македонија.

 

Контрапротест пред Уставниот суд.