Инес Ефремова: Опфатот на културата и уметноста во јавниот сервис

Инес Ефремова

Здраво граѓани и граѓанки, здраво соборци,

Јас сум Инес  Ефремова и денеска ќе зборувам за опфатот на културата и уметноста во јавниот сервис. Можеби во сегашната констелација на состојби и случувања во Македонија, каде најгрбо се кршат  Уставот, човековите права и слободи, и во време кога сме сведоци на огромно страдање, културата и уметноста не делуваат како приоритет.  Но, уметноста и културата имале и имаат многу моќна улога во обликувањето на едно општество. Тие се исклучително остар мач со две острици кој може да ја засече секоја слободна мисла, но истовремено може да ја засече и грубата репресија. Затоа што уметноста и културата, колку што може да бидат апарат за пропаганда, толку може да бидат и нејзин против-отров, да најават и вдахнат сила на прогресивни идеи и промени.

Во нашиот Устав стои дека државата треба да го поттикне и поддржи творештвото. Колку МРТ како јавен сервис на граѓаните, финансиран од наши средства, го прави тоа? Краткиот одговор би бил: Нималку. А, еве и зошто сметам дека е тоа така… Уметноста и културата сами по себе подразбираат независна мисла, ментална слобода, критичност, па дури и пркос. Кога ги нема овие услови и одлики, кога се диригирани и ставени во „калап“, тие стануваат сѐ освен култура и уметност… Стануваат маркетинг-билборд кој треба да продаде нешто, стануваат ефтино ријалити шоу, турбо-фолк. Стануваат зграда на Рајхот. И за, жал, токму таа опачина на културата ја гледаме промовирана и поддржана на МРТ.

Јасно се забележуваат две зла кои ја гушат и уништуваат културата , но и програмата на јавниот сервис. Првото зло е партократијата која своите вулгарни пипци ги има проширено и во МРТ, користејќи го јавниот сервис на граѓаните како личен партиски систем за пропаганда.  Тоа подразбира и грубо наметнување на она што владејачката партија го смета за пожелна, „добра“ уметност. Тоа е она што можеме да го видиме на секој чекор околу нас –  бронзен кич по партиска нарачка, фабрикување на култура и историја, варварско рушење на културното наследство… Ова истото само се репризира и во програмата на МРТ. Македонската уметност е сведена на фолк музика, а културата  на документарци со историска „патриотска“  содржина, чиј идеен отец е, како што дознавме неодамна, самиот Премиер.

Ако се водиме единствено според програмата и информациите на МРТ, тогаш добиваме впечаток дека во Македонија не постојат уметници и современа културна сцена. Се што не спаѓа во калапот на „патриотска“ содржина едноставно се игнорира. Не се известува доволно за изложби, концерти, алтернативни претстави… Повеќе нема рецензии на културни настани и на уметничко творештво… Нема емисии во кои би се поканиле и презентирале уметниците и културните работници… Не се промовираат младите творци…Се молчи за богатото културно наследство од  20. век (кое е исклучително значајно за културниот континуитет, а кое власта насилно го брише, преоблекувајќи го во стирпор-фасади) Едноставно се игнорира сѐ она што всушност претсавува автентичка македонска култура. И на тој начин македонската јавност останува сиромашна за она што е културен квалитет, а македонските творци мораат поддршката да ја бараат надвор и по други канали.

И малкуте емитувани содржини во странска продукција од областа на културата и уметноста се или застарени, или нерелевантни. Па јавноста вопшто нема информации ниту за културните и уметничките токови и трендови во светот. Или, си плаќаме за да бидеме, и во локален и во глобален културен мрак.

Некои би рекле: „зарем е поразлична програмата на останатите македонски телевизии?“. Не е, и таму нема простор за културата. И тие се преполни со партиска пропаганда и шунд. Но, големата разлика е во тоа што тие се приватни телевизии кои во својата уредничка политика ја следат логиката на пазарот. А за МРТ плаќаме сите ние. Меѓу другото, плаќаме за овој медиум да биде ослободен од притисокот да се финансира преку маркетинг и популарни содржини со низок квалитет.

Јас не сакам повеќе да бидам приморана да гледам Хрватска Радио Телевизија, како најблизок медиум кој може да ми пренесе квалитетни содржини од културата и уметноста. Не сакам повеќе да плаќам за јавен сервис кој ги игнорира моите колеги и мене како творци. Не сакам да гледам телевизија на која „уметноста“ се сведува на документарци режирани од премиерот.

А, знам и што сакам… Сакам јавен сервис кој ќе ми понуди програма создавана преку принципите: УНИВЕРЗАЛНОСТ, РАЗНОВИДНОСТ, НЕЗАВИСНОСТ и ПОСЕБНОСТ.
Затоа што таква е и културата и тоа е нејзината моќ…Моќта да биде универзална, а секогаш различна, уникатна и независна.

Ајде да го вратиме јавниот сервис онаму каде што припаѓа…кај граѓаните, кај нас. И да ги потсетиме вработените во МРТВ на нивната обрвска да создаваат квалитетна содржина и програма која ќе ги опфати сите општествени групи и теми. Вкључувајќи ја тука и уметноста како неизоставен дел од секое нормало и демократско општество.

Ајде, крајно време е!

Благодарам!

 

Говор на Инес Ефремова одржан во рамки на протестниот перформанс на „Ајде!“ пред МРТ на 28.02.2015.